Романски возач на товарно возило е приведен по верижната сообраќајна несреќа на автопатот „Тракија“ во Бугарија. Тој веќе бил сослушан, а ќе биде повикан и на дополнителен распит. На местото на несреќата биле сослушани уште 44 учесници, соопшти директорот на полицијата во Јамбол, Добрин Димитров.
Според првичните информации, возачите ненадејно навлегле во густа магла, со видливост не поголема од десет метри.
„Овој камион најверојатно се движел многу бавно или навлегувал од страничната лента. Возачот е сослушан и е задржан кај нас“, изјави Димитров.
Полицијата ја добила пријавата вчера во 7:10 часот, по што на терен биле испратени сите расположливи екипи. Спасувачите ги проверувале возилата за да ги пронајдат лицата на кои им била потребна итна помош. Дел од заштитната ограда бил пресечен за да им се овозможи пристап на амбулантните возила.
Според директорот на противпожарната служба во Јамбол, Иван Динев, на терен работеле пет противпожарни екипи со 61 припадник. Била побарана и помош од Бургас, Сливен, Стара Загора и Пловдив.
Автопатот во текот на ноќта бил отворен во двете насоки. Обласниот управител на Јамбол, Георги Чалаков, предупреди дека и утрово во подрачјето има магла и ги повика возачите на внимателност.
Тој ги отфрли информациите дека неколку минути пред несреќата на бројот 112 било пријавено намалена видливост поради магла. За активирањето на системот BG-ALERT во 8:10 часот, еден час по пријавата за несреќата, Чалаков рече дека било постапено според предвидениот протокол.
„Да, по несреќата е, но треба да имаме информација за настанот за да можеме да го активираме протоколот за BG-ALERT“, изјави тој.