Три граѓански мрежи побараа итни истраги за институционалното постапување во случаите на фемицид, законски измени и обезбедување средства за заштита на жртвите. Во отворено писмо до домашните институции и меѓународната заедница, тие повикуваат на мораториум на свечените и промотивните настани во рамките на кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство“.
Писмото го потпишуваат Мрежата за заштита од дискриминација, Платформата за родова еднаквост и Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.
Организациите посочуваат дека се случиле седум фемициди, а последната жртва е 17-годишната девојка од Богданци. Според нив, институциите не обезбедиле заштита и во случаи во кои жртвите претходно пријавувале насилство и барале помош.
„Не ни треба држава која тагува по убиените жени. Ни треба држава која ќе ги заштити додека се живи“, порачуваат потписничките.
Од Владата, Собранието и надлежните институции бараат:
- Независна и темелна истрага за постапувањето во сите случаи на фемицид, особено кога насилството претходно било пријавено, со утврдување индивидуална и институционална одговорност.
- Итни законски измени за заштита од насилство, вклучително и регулирање итни мерки и користење електронски алки.
- Враќање на поимите род и родова еднаквост во образовните закони, упатствата за заштита од насилство и програмите за сексуално образование.
- Усвојување на заклучоците од надзорната расправа за родово базираното насилство, со конкретни рокови за институциите.
- Обезбедување буџет и стручни кадри за полицијата, социјалните служби, обвинителствата, судовите и здравствените установи.
- Стабилно јавно финансирање на специјализираните услуги, меѓу кои засолништа, кризна интервенција, психосоцијална и правна помош, услуги за деца и програми за работа со сторителите.
- Јавен и обврзувачки план со јасни задолженија, рокови, буџет и мерливи резултати, за чие исполнување Владата и Собранието редовно ќе известуваат.
Организациите бараат средствата за свечености и симболични кампањи да се пренасочат кон непосредна заштита на жените. Ги повикуваат Обединетите нации, Европската Унија, ОБСЕ, амбасадите и донаторите да го искористат својот политички авторитет за да побараат отчет од институциите.
„Портокаловата боја не спасува животи. Институциите треба да спасуваат животи“, се наведува во писмото.
Потписничките нагласуваат дека повикот не значи прекин на јавниот разговор за насилството, туку барање тој да биде проследен со конкретни одлуки. Предлагаат овогодишните „16 дена активизам“ да станат „16 дена на институционална одговорност“, во кои ќе се усвојуваат закони, ќе се обезбедуваат буџети и ќе се преземаат обврски.
„Доста е. Не чекаме осма жртва“, порачуваат трите мрежи.