Македонија

Казино во Кичево крадело струја – треба да плати 2,7 милиони денари

Казино во Кичево крадело струја – треба да плати 2,7 милиони денари

Над 2,7 милиони денари ќе треба да надомести казино во Кичево по откриен случај на неовластено користење електрична енергија. При теренска контрола, екипите на „Електродистрибуција“ утврдиле манипулација со две броила, со помош на специјален уред за влијание врз мерењето на потрошената електрична енергија.

Од компанијата информираат дека контролата била спроведена во казино лоцирано на улицата „Магистрален пат“ во Кичево, по претходни анализи на потрошувачката и следење на динамиката на користење на електричната енергија.

При проверката било забележано нетипично однесување на мерните уреди, проследено со невообичаено зуење во мерниот ормар. Со мерењата била регистрирана фреквенција од 225 до 340 херци, што значително отстапува од стандардните 50 херци.

Според наодите на „Електродистрибуција“, бил користен уред за манипулација со фреквенции, набавен на црниот пазар, со кој било овозможено влијание врз двете броила и делумно или целосно нерегистрирање на реално потрошената електрична енергија.

По утврдувањето на неправилностите, бил составен записник за неовластено користење електрична енергија, а до Министерството за внатрешни работи била поднесена пријава за неовластено преземање електрична енергија, согласно член 235-а од Кривичниот законик.

Дополнително, изготвени се две посебни фактури за надомест на штета за двете мерни места, во вкупен износ од 2.722.798 денари, соопштија од „Електродистрибуција“.

Ноќно студио

Најнова епизода

Кој ги следи студентите? Ноќно студио со Анастасија Павловска 10.11.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни