По речиси 24 часа поминати под земја, 11-месечното бебе Коа Шарп било пронајдено живо во шума во американската сојузна држава Јужна Каролина. Детето било откриено во кафез за кучиња, завиткано во пешкир и покриено со тенок слој земја, откако во обемната потрага биле вклучени речиси 100 припадници на службите за итни случаи.
Шерифот на округот Лексингтон, Џеј Кун, на прес-конференција, пренесена од ABC News, соопшти дека спасувачите го затекнале бебето како се бори за живот.
„Тој плачеше, тоа беше најсреќниот бебешки плач што некогаш сте го слушнале“, изјави Кун.
Според шерифот, пешкирот можеби создал воздушен џеб кој му помогнал на момчето да преживее. Бебето било пренесено во болница, а Кун изразил надеж дека ќе закрепне целосно.
Таткото пронајден без детето
Потрагата по момчето и неговиот 25-годишен татко, Мајкл Комер, започнала во понеделникот попладне. Мајката го оставила бебето со таткото во нејзиниот дом, а кога пристигнало друго лице кое требало да се грижи за детето, двајцата веќе биле исчезнати.
Полицијата го пронашла Комер доцна во понеделникот вечерта, во помошна зграда во Бејтсбург, но бебето не било со него. Според шерифот, таткото не дал значајни информации за тоа каде се наоѓа детето.
Во потрагата учествувале речиси 100 припадници на службите за итни случаи. Во вторникот попладне, при пребарување на теренот во близина на куќата на таткото на Комер, истражителите забележале свежо ископана земја во шумата, на околу 45 метри оддалеченост.
Кога започнале да копаат, го слушнале плачот на бебето. Спасувачите веднаш се упатиле кон местото и успеале да го извлечат живо.
Врз основа на досегашните сознанија за движењата на таткото, истражителите веруваат дека детето било закопано околу 24 часа.
Комер е уапсен под сомнение за провала и отпор при апсење. Полицијата соработува со локалното обвинителство за утврдување дали против него ќе бидат поднесени и дополнителни обвиненија.