Македонија

Муртези демантира поврзаност со Исламскиот младински форум: Најави тужба

Муртези демантира поврзаност со Исламскиот младински форум: Најави тужба

Претседателот на Советот на Општина Чаир, Мухамед Муртези, реагираше на медиумските објави во кои се поврзува со Исламскиот младински форум, организација која, според објавените информации, се доведува во врска со листа објавена од Египет.

Муртези ги оцени ваквите тврдења како клевети, категорично негирајќи дека некогаш бил претседател на Исламскиот младински форум.

„Вистината е дека јас не сум раководител, ниту претседател на Исламскиот младински форум. Дури, со целосна морална одговорност тврдам дека никогаш не сум бил претседател на овој форум“, изјави Муртези за Zyrtare.net.

Тој појасни дека во минатото раководел со други невладини организации во Северна Македонија, но не и со Исламскиот младински форум.

Во однос на листата објавена од Египет, Муртези истакна дека не забележал на неа да фигурира споменатиот форум, туку друга организација од Северна Македонија со слично име. Според него, потребно е дополнително да се провери дали постои каква било поврзаност меѓу двете организации.

Муртези го обвини албанскиот медиум Top Channel дека известувањето било политички мотивирано, поврзувајќи го случајот со неговата функција како претставник на ВЛЕН и претседател на Советот на Општина Чаир, како и со неговите ставови во поддршка на студентските протести во Албанија.

„Top Channel сноси одговорност за ова емитување и јас веќе започнав постапки за поднесување тужба за клевета, бидејќи нивните тврдења не се точни“, изјави Муртези.

Тој додаде дека жали што, според него, медиумското известување било искористено за на неговите политички ставови да им се даде погрешна конотација.

Ноќно студио

Најнова епизода

Кој ги следи студентите? Ноќно студио со Анастасија Павловска 10.11.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни