Исламскиот Младински Форум – Скопје ја изразува својата загриженост во врска со неодамнешните медиумски објави, во кои името на нашата организација се поврзува со тврдења што произлегуваат од одлука на Кривичниот суд на Египет, земја која е меѓународно позната како држава со длабок демократски дефицит, каде што основните човекови права систематски се прекршуваат и каде што независниот граѓански сектор е речиси целосно уништен.
Категорично ги отфрламе сите обвинувања и неосновани наводни поврзувања со нашата организација. Нагласуваме дека споменувањето во документи на странски институции не претставува правен доказ дека станува збор за организацијата на која се однесува една таква неоснована одлука. Таквата идентификација бара официјална документација и прецизна проверка на правниот идентитет на организацијата.
Исламскиот Младински Форум – Скопје е регистрирана граѓанска организација која дејствува во согласност со законодавството на Република Северна Македонија. Повеќе од 25 години, нашето дејствување е јавно, транспарентно и посветено на едукацијата, развојот на младите, културата и поддршката на образованието.
ИМФ има реализирано редовни проекти во партнерство и во согласност со реномирани меѓународни организации, вклучително и проекти со поддршка од Европската Унија, Европската комисија, ОБСЕ, други организации со светско реноме, како и домашни институции на централно и локално ниво.
Исламскиот Младински Форум – Скопје ќе иницира судски постапки и ќе бара надомест на штета од секој субјект за кој ќе се утврди законска одговорност за ширење невистинити и штетни тврдења, врз основа на домашните и меѓународните правни норми. Почитувајќи ја слободата на медиумите и правото на информирање, ги повикуваме сите медиуми и други субјекти да покажат професионална одговорност, да ги проверуваат изворите и да избегнуваат непотврдени поврзувања што можат неправедно да го нарушат угледот на организацијата.
ИМФ останува непоколеблив во заштитата на човековите права, слободата на граѓанското здружување и интегритетот на организациите кои посветено придонесуваат за образованието, еманципацијата на младите, како и за проширувањето на меѓукултурниот дијалог.