Пазарот на недвижности во Македонија бележи забавување. Во третиот квартал од 2026 година продажбата на станови е намалена за 14 отсто, додека бројот на станови издадени под закуп пораснал за дури 45 проценти во споредба со претходниот квартал. Ова го покажуваат најновите податоци на Агенцијата за катастар на недвижности.
И покрај намалениот број купопродажби, цените на одредени станови остануваат исклучително високи. Во скопската општина Карпош, стан од само 41 квадратен метар е продаден за 128.000 евра, односно по цена од 3.121 евро за квадратен метар.
Уште повисока сума е постигната при продажба на стан од инвеститор. За стан со површина од 63 квадратни метри, купувачот издвоил речиси 200.000 евра.
Според извештајот на Катастарот, од јули до септември биле регистрирани вкупно 7.679 трансакции со недвижности, што претставува намалување од 8,2 проценти во однос на вториот квартал. Бројот на купопродажби се намалил за 12,1 отсто, додека склучените договори за закуп се зголемиле за 2,8 проценти.
Најголема активност на пазарот е регистрирана во општина Центар, каде што биле реализирани 562 купопродажби на недвижности, што е за два проценти помалку во однос на претходниот квартал.
Намалување е забележано и кај вкупната вредност на трансакциите. Во третиот квартал таа достигнала 339 милиони евра, односно 3,6 проценти помалку од претходните три месеци. Од оваа сума, 337,8 милиони евра се однесуваат на купопродажби, а околу 1,1 милион евра на закупи.
Кај становите, покрај падот на продажбата од 14 проценти, намалена е и нивната вкупна финансиска вредност за шест отсто.
Истовремено, расте интересот за изнајмување. Бројот на станови дадени под закуп е зголемен за 45 проценти, а нивната вкупна месечна закупнина пораснала за 31 отсто. Сепак, кога се земаат предвид сите видови недвижности, вкупната регистрирана месечна закупнина бележи пад од 10,2 проценти.
Од Агенцијата за катастар оценуваат дека податоците укажуваат на различни движења на пазарот – намалена активност кај купопродажбите, наспроти зголемен број договори за закуп.