Македонија

Жичарата на Водно повторно ќе проработи во декември – Ѓорѓиевски најави целосна обнова и реконструкција на кабините

Жичарата на Водно повторно ќе проработи во декември – Ѓорѓиевски најави целосна обнова и реконструкција на кабините

Жичарата на Водно се очекува повторно да биде пуштена во употреба веќе следниот месец, по завршувањето на реконструкцијата и неопходните безбедносни проверки. Ова го најави градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, кој информираше дека во тек се обемни зафати за нејзино обновување.

Според Ѓорѓиевски, при извршениот увид биле утврдени сериозни технички недостатоци, кои, како што тврди, се последица на долгогодишно несоодветно одржување и неизвршување на неопходните големи сервиси од страна на претходните раководства.

Тој посочи дека поради утврдените проблеми било неопходно жичарата привремено да биде ставена вон функција, со цел да се заштити безбедноста на граѓаните.

„За мене, безбедноста на нашиот народ е пред сè. Тука нема компромис“, истакна Ѓорѓиевски.

Во моментов се работи на обнова на жичарата и темелна реконструкција на кабините. Се очекува и враќање на моторот, кој бил испратен на репарирање во странство.

Градоначалникот најави дека, доколку активностите се одвиваат според предвидената динамика и успешно завршат сите безбедносни проверки, жичарата би можела повторно да ги прими посетителите во декември.

„Го обновуваме она што со години било запоставувано. Со одговорност, со работа и со дела“, порача Ѓорѓиевски, додавајќи дека целта е жичарата повторно да биде безбедна и достапна за скопјани и туристите.

Засега не е соопштен точен датум за нејзиното повторно пуштање во употреба.

Ноќно студио

Најнова епизода

Кој ги следи студентите? Ноќно студио со Анастасија Павловска 10.11.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни