Странските туристи продолжуваат да доминираат во туристичкиот промет во земјава, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика. Во септември 2026 година Македонија ја посетиле вкупно 136.305 туристи, кои оствариле 264.370 ноќевања.
Од вкупниот број посетители, 75,1 процент биле странски туристи, додека домашните учествувале со 24,9 проценти. Сличен сооднос е забележан и кај ноќевањата – странските гости реализирале 66,2 проценти, а домашните 33,8 проценти.
Меѓу странските посетители најбројни биле туристите од Турција, од каде во септември пристигнале 27.933 гости. На второ место се туристите од Србија со 8.358 посетители, по што следуваат Германија со 6.633 и Полска со 4.656 туристи.
Позитивен тренд е забележан и на ниво на целата година. Во периодот од јануари до септември 2026 година, вкупниот број туристи во земјава е зголемен за три проценти во споредба со истиот период лани.
Раст има и кај домашните и кај странските посетители. Бројот на домашни туристи во првите девет месеци од годината е повисок за 2,8 проценти, додека бројот на странски туристи бележи зголемување од три проценти.
Според статистичките податоци, во истиот период се зголемил и бројот на ноќевања за 3,5 проценти. Кај домашните гости растот изнесува 2,4 проценти, а кај странските е поголем и достигнува 4,6 проценти.