Случајот со „Алта банка“ не е само локален банкарски проблем, туку прашање со пошироки финансиски последици, кое може да се одрази и врз довербата во банкарскиот систем. Ова го истакна економскиот аналитичар Славко Лазовски во гостувањето во „Ноќно студио“ на 4ТВ.
Според него, случувањата поврзани со банката во Србија и нејзиното работење во Македонија отвораат прашања за контролата, супервизијата и одговорноста на надлежните финансиски институции.
„Оваа афера има широко влијание и врз монетарната власт и врз банкарскиот систем. Не е локален проблем. Проблемот со Алта банка добива европски димензии“, изјави Лазовски.
Тој оцени дека развојот на настаните покажува оти состојбата е посериозна отколку што првично изгледала.
„На почетокот не бев свесен што сè може да произлезе од овој проблем, што сè стои зад него. Сега се гледа дека станува збор за многу сериозен проблем“, рече Лазовски.
Економскиот аналитичар посочи дека Народната банка располага со механизми за супервизија, а институциите мора да вложат напори за враќање на довербата во финансискиот систем.
Според него, последиците од ваквите случувања не се ограничуваат само на депонентите на засегнатата банка, туку можат да се почувствуваат и во пошироката економија.
„Банкарскиот сектор е водечки сектор и без доверба во него не можеме да се надеваме на економски развој и раст“, нагласи Лазовски.
Тој смета дека враќањето на довербата треба да биде еден од приоритетите на надлежните институции, особено во услови кога банкарската стабилност има директно влијание врз економските активности и инвестициската клима во земјата.