Променливо облачно време со сончеви периоди, повремени врнежи од дожд и засилен до силен јужен ветер се очекува во земјава. На одредени места брзината на ветерот ќе надминува 80 километри на час, според временската прогноза.
Во текот на денот ќе има променлива облачност со повремени сончеви периоди, а локално се очекуваат и врнежи од дожд. Ќе дува засилен до силен ветер од јужен правец, кој на одредени места ќе достигнува брзина поголема од 80 километри на час.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен до засилен јужен ветер.
Под влијание на серија влажни воздушни бранови, во наредните денови ќе продолжи периодот на нестабилно време, со повремени локални врнежи од дожд со слаб до умерен интензитет.
По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла, што може да ја намали видливоста во раните утрински часови.
Утре се очекува релативно топло време, со температури значително повисоки од просечните за овој период од годината. Истовремено, ќе дува засилен до силен ветер од јужен правец, кој наместа ќе надминува 80 километри на час.
Сепак, топлото време нема долго да се задржи. Од сабота, поради продор на постудена воздушна маса од север, ќе започне постепено опаѓање на температурите, особено во северните делови од земјата.
И во наредниот период се очекува променлива облачност со повремени локални врнежи од дожд.