Објавувањето на даночните должници на таканаречените црни листи не придонесува за поефикасна наплата на даноците, туку може да ја наруши репутацијата на компаниите и довербата меѓу даночните обврзници и институциите. Ова го оцени економскиот аналитичар Славко Лазовски во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.
Лазовски смета дека Управата за јавни приходи треба да се насочи кон ефикасна присилна наплата и почитување на правата на даночните обврзници, наместо кон нивно јавно изложување.
„Односот меѓу даночниот обврзник и даночниот орган треба да се води онака како што треба, а не некого да го ставиме на црна листа, на криво магаре, и да викаме по него“, изјави Лазовски.
Според него, Македонија има добар Закон за даночна постапка, изработен по примерот на германското законодавство, но неговата примена во практиката не секогаш ги следи основните принципи.
Тој нагласи дека целта на присилната наплата треба да биде обезбедување начин должникот да ги подмири обврските, без непотребно да му се нанесува дополнителна штета.
„Ако еден инструмент не помага, откажете се од него. Не може постојано да се применува нешто што не дава резултати“, посочи економскиот аналитичар.
Лазовски предупреди дека јавното објавување на должниците може да доведе до нарушување на нивниот углед, но и до дополнително влошување на односите со даночните власти.
„Не се постигнува ништо. Тоа е некој јавен линч кој може да ја руши репутацијата. Меѓусебната доверба се руши“, нагласи Лазовски.
Тој смета дека даночниот систем мора да стане побрз и поефикасен, со помали административни трошоци и поголема заштита на правата на обврзниците.
Според него, не е доволно државата само да ги евидентира долговите, туку неопходно е да создаде услови за нивна реална и навремена наплата.