Здружението на новинарите на Македонија и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници реагираат поради попречување на новинарката на Телма, Емилија Мисирлиевски, додека известувала за денешниот инцидент во Битола, во кој три лица биле повредени при пад на излог и дел од металната конструкција на објектот на Управата за водење на матичните книги.
Според ЗНМ и ССНМ, иако новинарката ја покажала својата новинарска легитимација, најпрво била попречена од возачот на возилото на Брзата помош, кој ја снимал со мобилен телефон. Потоа, како што наведуваат, обезбедувањето не ѝ дозволило да снима и да ја извршува професионалната задача.
Од двете организации го оценуваат ваквото постапување како непрофесионално и загрижувачко, особено однесувањето на лицето од возилото на Брзата помош.
„Очекуваме вработените во итните служби да постапуваат професионално и да не придонесуваат кон создавање притисок врз новинарите при вршењето на нивната работа“, порачуваат ЗНМ и ССНМ.
Тие потсетуваат дека новинарите треба да можат слободно и непречено да известуваат за настани од јавен интерес, без произволно попречување, навреди или заплашување.
Мисирлиевски го пријавила случајот во полиција. ЗНМ и ССНМ бараат надлежните институции да ги испитаат сите околности и да утврдат одговорност.