Повеќе од 12 тони млечни и прехранбени производи произведени во Македонија се вратени од Косово, откако тамошните надлежни институции забраниле нивен увоз поради претходно утврдени неправилности во производството и хигиенските услови. Станува збор за две пратки на производи од тетовската компанија АД „Млекара Тетово“, кои биле запрени на граничниот премин Генерал Јанковиќ.
Според информациите што ги објави „Радио КИМ“, вкупната количина на вратената стока изнесува 12.268 килограми. Производите биле наменети за косовската компанија „VIZIONI M.Z.I.I“ од Преоце, во близина на Грачаница.
Забраната за увоз на производи од овој производител била воведена на 6 ноември, поради повторени пропусти во хигиената при производството и исполнувањето на стандардите за безбедност на храната.
Од косовската Агенција за храна и ветеринарство објаснуваат дека одлуката била донесена по утврдени неправилности во претходни испораки, при што лабораториските анализи покажале присуство на бактеријата ешерихија коли (Escherichia coli) над дозволените граници.
„Оваа одлука е донесена по утврдување повторени прекршувања на критериумите за безбедност на храната и проблеми со хигиената во производството, вклучително и незадоволителни лабораториски резултати кои покажале присуство на бактеријата ешерихија коли над дозволените граници во претходни пратки“, соопштила Агенцијата.
Првата запрена пратка тежела 7.368 килограми и содржела производи со називите „Natura Delikates“, „Duble Cream Masterfood“, „Extra Delikates Aksion“ и „Kravjo Sirenje“.
Во втората пратка, со вкупна тежина од 4.900 килограми, се наоѓале производите „Natura Sharplaninska“ и „Cream Extra Masterfood“.
Косовските власти нагласуваат дека производите од овие две пратки не биле пуштени во продажба на косовскиот пазар. Присуството на ешерихија коли било утврдено во лабораториски анализи на претходни испораки, а не во двете пратки што сега се вратени.