Мрежата за заштита од дискриминација, Платформата за родова еднаквост и Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство бараат итно постапување на институциите по случаите со насилство врз жени во Охрид и Битола. Во заедничката реакција, насловена „До кога оваа држава ќе создава и ќе штити насилници?“, организациите бараат заштита на жртвите и утврдување индивидуална и институционална одговорност.
За случајот во Охрид, тие бараат надлежното обвинителство да предложи притвор за осомничениот, со образложување на законските основи и проценка на ризикот од повторување на насилството и влијание врз жртвата, сведоците и доказите.
Организациите потсетуваат дека, според соопштението на МВР, 26-годишната жена изгубила свест и се здобила со тешки телесни повреди, а на осомничениот му биле определени мерки на претпазливост. Бараат објаснување врз кои докази е утврдена квалификацијата на делото и дали било испитано постоење намера за лишување од живот.
Во реакцијата се бара и независна проверка на јавно изнесените наводи за евентуално семејно влијание, прикривање на настанот или влијание врз медицинската документација. Организациите нагласуваат дека функциите на членови на семејството сами по себе не докажуваат вмешаност, но дека сите конкретни наводи мора да бидат истражени.
„Јавната функција, партиската блискост и пристапот до институциите не смеат да станат семејни ресурси за избегнување одговорност“, порачуваат тие.
За случајот во Битола, организациите наведуваат дека 21-годишна жена пријавила долготрајно насилство, закани со убиство и давење, а осомничениот избегал низ прозорец од полициска станица. Бараат негово итно пронаоѓање и утврдување на пропустите што го овозможиле бегството, вклучително и одговорност на службениците и претпоставените доколку се утврдат основи.
Меѓу барањата е и целосна проверка на институционалното постапување пред фемицидот во Богданци, особено по претходните пријави и закани.
Трите мрежи бараат непосредна и долгорочна заштита на жените изложени на насилство, достапна правна и психосоцијална помош и стабилно финансирање на специјализираните услуги. Повикуваат и на придвижување на законските измени без, како што наведуваат, антиродови условувања и отстапување од Истанбулската конвенција.
Во реакцијата упатуваат критики кон политичките и верските авторитети и медиумите за пораки што, според нив, го минимизираат насилството или ја оправдуваат контролата врз жените. Од медиумите бараат професионално известување што ги штити приватноста и достоинството на жртвите.
Организациите оценуваат дека декларативната загриженост и префрлањето на вината меѓу институциите не обезбедуваат заштита. Нивното барање е да се утврди кој го извршил насилството, кој ја потценил опасноста, кој пропуштил да заштити и дали некој ја употребил својата моќ за да обезбеди неказнивост.