По речиси 18 часа неизвесност, утрово заврши потрагата по 62-годишниот планинар кој исчезна во Мариово. Тој бил пронајден во селото Кален, во 10:15 часот, откако претходниот ден се изгубил во близина на селото Лениште, во прилепско.
Според информациите од ЦУК, случајот бил пријавен вчера попладне, кога планинарот, по пад и губење на свеста, во 16:47 часот се јавил на бројот за итни случаи 112. Тој успеал да соопшти дека се наоѓа во пределот меѓу селото Лениште и манастирот над селото.
Веднаш по пријавата биле известени полициските служби, а полициска екипа започнала потрага на терен. Во дополнителен телефонски разговор, околу 17:10 часот, мажот информирал дека се движи кон Лениште, но предупредил дека батеријата на неговиот мобилен телефон е при крај.
До 18:30 часот тој сè уште не бил пронајден, а телефонот веќе бил исклучен. Поради тоа, потрагата била проширена со дополнителни полициски службеници и екипа на Територијалната противпожарна единица од Прилеп. Била проверена и неговата домашна адреса, при што било утврдено дека не се вратил дома.
Во акцијата учествувале полициски службеници, екипи на ТППЕ Прилеп, Регионалниот центар за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување – Прилеп. Координацијата на активностите и комуникацијата меѓу службите ја вршел Центарот за управување со кризи.
По повеќечасовната потрага, планинарот бил лоциран во селото Кален. По неговото пронаоѓање, екипа на граничната полиција се упатила на терен за безбедно да го преземе и транспортира.