Германската полиција уапси 15 лица во голема акција за разбивање криминална група осомничена за трговија со дрога на подрачјето на Баварија. Запленети се повеќе од 100 килограми наркотични средства, над 100.000 евра во готовина, вредни предмети и два автомобила.
Полициската операција била спроведена на 12 ноември на подрачјето на Аугсбург, Минхен и Фирстенфелдбрук, по обемна истрага за трговија и дистрибуција на поголеми количества дрога.
Меѓу уапсените се 13 мажи и две жени на возраст од 20 до 38 години, со германско, хрватско, босанскохерцеговско и авганистанско државјанство.
Во акцијата учествувале повеќе единици на криминалистичката полиција, кои извршиле претреси на бројни локации.
Според германските медиуми, полицијата запленила нешто помалку од десет килограми кокаин, повеќе од десет килограми амфетамин и неколку десетици килограми производи од канабис. Дел од дрогата бил запленет и во текот на претходната истрага.
На сите 15 осомничени им е одреден истражен притвор, а германските власти засега не ги откриваат нивните идентитети ниту поединечните улоги во осомничената криминална група.
Истрагата продолжува, а полицијата ги анализира запленетите предмети и обезбедените докази.