Македонија

Македонските студенти блеснаа на меѓународна медицинска олимпијада во Узбекистан

Македонските студенти блеснаа на меѓународна медицинска олимпијада во Узбекистан

Студенти од Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје се пласираа во финалето на меѓународната медицинска олимпијада „Медицина на иднината 2026“, а за својот настап добија и специјално признание.

Олимпијадата се одржа од 29 октомври до 1 ноември во Ташкент, Узбекистан, со учество на 104 студентски екипи од 26 држави и повеќе од 580 учесници. Настанот претставува меѓународна платформа за размена на знаења, проверка на практичните медицински вештини и претставување на идните генерации лекари.

Македонската екипа успешно ја помина практичната полуфинална рунда и обезбеди пласман во финалето. Покрај натпреварувачкиот успех, студентите го добија и специјалното признание „Main Character Award“, кое им го додели ректорот на Универзитетот за Централна Азија.

Наградата им била доделена како признание за нивната енергија, истрајност и тимски дух, а македонската екипа била единствената што го добила ова признание.

Од Факултетското студентско собрание при Медицинскиот факултет посочуваат дека успехот има значење многу поголемо од освоената награда, бидејќи студентите имале можност да го претстават своето знаење и практични способности пред меѓународната академска заедница.

„Во конкуренција на тимови од десетици земји, македонските студенти имаа можност да го претстават своето знаење, подготвеност и практични способности пред меѓународна академска заедница. Преку нивниот настап, за Медицинскиот факултет – Скопје, УКИМ и Република Северна Македонија се слушна и надвор од европските граници, на меѓународен настан одржан во Ташкент, во срцето на Централна Азија“, соопштија од студентското собрание.

За учесниците, олимпијадата била можност стекнатите знаења да ги применат во практични и симулирани клинички сценарија, да ги проверат своите способности во меѓународна конкуренција и да воспостават контакти со идни медицински професионалци од различни земји.

Македонската екипа ја предводеше Ана Ќупева, под менторство на асистент-доктор Филип Наумовски. Во составот беа и Филип Калаџиски, Петар Маџовски, Ненад Смилески и Зоран Трајковски.

Ноќно студио

Најнова епизода

Продажба или стечај за Алта банка? Ноќно студио со Славко Лазовски 12.11.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни