Македонија

Кравите во Крива Паланка стигнаа и до амбасадите, Митовски бара дипломатска поддршка

Кравите во Крива Паланка стигнаа и до амбасадите, Митовски бара дипломатска поддршка

Проблемот со неконтролираното движење на добитокот во Крива Паланка добива и дипломатска димензија. Градоначалникот Сашко Митовски испратил писмо до сите амбасади и амбасадори акредитирани во земјава, барајќи нивна поддршка за конечно решавање на проблемот со повеќе од 1.000 грла крупен добиток што без надзор се движат низ општината.

Во писмото се посочуваат последиците од ваквата состојба, која, според Општината, директно ја загрозува безбедноста на граѓаните и предизвикува материјални штети. Од дипломатските претставништва се бара преку контактите со Владата и надлежните институции да го отворат прашањето и да помогнат тоа да добие приоритет на највисоко институционално ниво.

Од Општина Крива Паланка велат дека дипломатската поддршка би можела да придонесе за воспоставување директен дијалог меѓу Владата, надлежните агенции и локалната самоуправа, со цел да се договорат конкретни мерки, да се утврдат одговорностите и роковите за нивно спроведување.

Градоначалникот претходно побара од Владата да прогласи кризна состојба поради проблемот, но, како што информираат од Општината, досега нема добиено одговор.

Добитокот без надзор се движи по градските улици и патишта, со што се создава опасност за пешаците и возачите, а истовремено се уништуваат земјоделски насади. Во изминатите денови крави биле забележани и во дворот на средното општинско училиште.

Од локалната самоуправа тврдат дека од јануари 2022 година до денес испратиле стотици пријави и иницијативи до Владата, Министерството за земјоделство, надлежниот инспекторат и Агенцијата за храна и ветеринарство.

Поднесена е и кривична пријава за мачење животни, а до институциите биле доставени докази за материјални штети, повреди на граѓани и уништување јавни површини.

Општината бара итно и координирано постапување од надлежните институции, оценувајќи дека досегашните обраќања не довеле до трајно решение на проблемот.

Ноќно студио

Најнова епизода

Продажба или стечај за Алта банка? Ноќно студио со Славко Лазовски 12.11.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни