Со пригодна седница и панел-дискусии, Собранието денеска одбележува 35 години од донесувањето на првиот Устав на независна Македонија, усвоен на 17 ноември 1991 година.
Со Уставот беа поставени темелите на сопствениот уставно-правен систем по осамостојувањето од поранешна Југославија.
На одбележувањето се најавени обраќања на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, претседателот на Собранието Африм Гаши, претставници од првиот пратенички состав и учесници во тогашната Комисија за уставни прашања.
Меѓу најавените учесници е и Владо Поповски, кој учествувал во изработката на Уставот. Во организацијата на свеченоста се вклучени Институтот за национална историја и Државниот архив.
Панел-дискусиите ќе бидат посветени на околностите во кои бил донесен Уставот, текот на неговата подготовка и усвојување, како и на уставниот развој на државата во изминатите три и пол децении.
Првичниот текст на Уставот досега е изменет со 36 амандмани. Најобемните измени беа направени во 2001 година, по Охридскиот рамковен договор, додека последните беа усвоени во 2019 година, во рамките на спроведувањето на Преспанскиот договор.
Годишнината се одбележува и во период на дебата за нови уставни измени поврзани со европските интеграции, односно за внесување на Бугарите во Преамбулата како услов за продолжување на пристапниот процес кон Европската Унија.
Владините претставници во изминатиот период изнесуваа став дека за таква промена се потребни јасни гаранции дека земјата нема да се соочи со нови условувања на европскиот пат.