Македонија

Родителите на загинатите во „Пулс“ со поддршка за обвинителите: Не бараме однапред донесени пресуди, туку правда врз основа на докази

Родителите на загинатите во „Пулс“ со поддршка за обвинителите: Не бараме однапред донесени пресуди, туку правда врз основа на докази
ФОТО: Марио Андоновски / 4NEWS.mk

Родителите на загинатите во трагедијата во „Пулс“ упатија јавна благодарност и поддршка до јавните обвинители што постапуваат во предметот и до државниот јавен обвинител Ненад Савески. Во обраќањето порачуваат дека очекуваат вистината да биде утврдена, а одговорноста да се утврди индивидуално, врз основа на доказите и законот.

Посебно го издвојуваат настапот на Савески на прес-конференцијата по повод една година од почетокот на судскиот процес, оценувајќи го како јасен, достоинствен и аргументиран.

„За нас, родителите, кои речиси секојдневно седиме во судницата во Идризово и Кривичен, го следиме секој доказ, секој исказ и секое рочиште, Вашата работа не е само професионална обврска. Таа е дел од борбата за вистината и правдата за 63-те загубени млади животи и за сите повредени“, наведуваат родителите.

Тие истакнуваат дека ја ценат посветеноста и истрајноста на обвинителите и ја поддржуваат нивната професионална и законита работа. До тимот што го води предметот упатуваат порака да продолжи без отстапување од фактите и доказите.

„Господине Савески, за Вашиот настап – чиста десетка! Но уште поважно, Ви благодариме што со Вашиот професионален пристап покажавте дека зад обвинителската функција мора да стојат одговорност, храброст и почит кон човечките животи“, се вели во обраќањето.

Родителите нагласуваат дека нивното барање за правда не подразбира привилегии или однапред утврден исход на судењето.

„Ние, родителите, не бараме привилегии, ниту однапред донесени пресуди. Бараме вистината да биде утврдена, одговорноста да биде индивидуализирана, а правдата да биде спроведена врз основа на доказите и законот“, порачуваат тие.

Обраќањето го завршуваат со порака дека, иако не можат да ги вратат своите деца, имаат должност да не дозволат нивната смрт да остане без правда.

Ноќно студио

Најнова епизода

Продажба или стечај за Алта банка? Ноќно студио со Славко Лазовски 12.11.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни