Македонија

Ќерката на првообвинетиот за „Пулс“ тврди дека имало заден излез – семејствата на жртвите незадоволни од сведочењата

Ќерката на првообвинетиот за „Пулс“ тврди дека имало заден излез – семејствата на жртвите незадоволни од сведочењата
Фото: Марио Андоновски / 4NEWS.mk

Дали кабарето „Пулс“ имало функционален излез за евакуација и кој бил одговорен за употребата на пиротехниката? Овие прашања повторно се отворија на судското рочиште за трагичниот пожар во Кочани, во кој загинаа 63 лица, а околу 200 беа повредени.

Пред судот сведочеше Магдалена Јованова, ќерка на првообвинетиот Дејан Јованов, која изнесе детали за функционирањето на ноќниот клуб пред трагедијата.

Според нејзиното сведочење, објектот располагал со задна врата која била во функција и редовно се користела. Јованова тврдела дека лично излегувала низ неа за да пуши цигари, а истиот излез го користеле и други посетители во нејзино друштво.

Таа посочила дека кобната вечер, кога избувнал пожарот, не се наоѓала во кабарето, а воедно негирала дека имала каква било улога во водењето на бизнисот на нејзиниот татко.

Во фокусот на сведочењето била и пиротехниката, чија употреба е едно од клучните прашања во судската постапка.

Јованова изјавила дека пиротехнички средства биле користени и во минатото, особено за одбележување на родендени на клубот и сезонски отворања. Според неа, за нивното активирање не биле задолжени вработените, туку посебно ангажирано лице. Таа споменала и специјална кутија поставена десно од бината, како и комбе со натпис „пиротехника“ кое го забележала пред објектот.

На рочиштето исказ дала и жена по име Катерина, долгогодишна пријателка на првообвинетиот. Таа тврдела дека Јованов во една пригода не ѝ дозволил да внесе малолетно девојче во клубот.

Пред судот се појавил и столар кој бил ангажиран за уредување на кабарето без писмен договор. Тој сведочел дека во текот на 2024 година во објектот биле извршени помали градежни интервенции и реновирање.

Но, ваквите сведочења не ги убедија семејствата на загинатите.

Како што пренесува МРТ, дел од роднините на жртвите сметаат дека изнесените информации не придонеле суштински за расветлување на околностите што довеле до трагедијата.

Особено незадоволство изразиле од сведочењето на ќерката на првообвинетиот, оценувајќи дека постојат дополнителни докази и прашања што не биле отворени за време на нејзиното испрашување.

Судењето за една од најтешките трагедии во поновата македонска историја продолжува со сослушување сведоци и изведување докази, додека семејствата на загинатите и понатаму бараат целосно утврдување на одговорноста за пожарот во „Пулс“.

Ноќно студио

Најнова епизода

Продажба или стечај за Алта банка? Ноќно студио со Славко Лазовски 12.11.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни