Американскиот претседател Доналд Трамп пристигна во Кина, каде што ќе учествува на дводневниот 33. Самит на економските лидери на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК). Посетата на Шенжен, град во јужната кинеска покраина Гуангдонг, се очекува да биде одбележана и со средба со кинескиот претседател Си Џинпинг и рускиот претседател Владимир Путин.
Трамп е првиот американски претседател кој во текот на актуелниот мандат го посетува Шенжен, град познат како еден од главните центри на кинеската вештачка интелигенција и технолошката индустрија. Според Си-Ен-Ен, Шенжен често се опишува како кинески одговор на Силициумската долина, бидејќи таму се наоѓаат седиштата на голем број кинески технолошки гиганти.
Во рамки на посетата се очекува Трамп да оствари средба со Си Џинпинг и Владимир Путин. Најавено е дека тројцата претседатели би можеле да одржат трилатерална средба утре, што би претставувало настан без преседан.
Пред пристигнувањето на американскиот претседател, во Шенжен допатува и рускиот претседател Владимир Путин, кој веќе се сретна со кинескиот лидер Си Џинпинг, пренесуваат руските и кинеските медиуми.
Средбата меѓу Путин и Си се одржала на маргините на самитот на АПЕК, а на разговорите биле разгледани билатералните односи и актуелната меѓународна ситуација.
Путин истакнал дека руско-кинеското партнерство во надворешната политика функционира стабилно, и покрај предизвикувачкото геополитичко опкружување.
„Во услови на сложено геополитичко опкружување, се придржуваме до конструктивен пристап кон создавањето поправеден мултиполарен светски поредок“, изјавил рускиот претседател.