Црвениот крст на Македонија отвори психолошко советувалиште наменето за граѓаните на кои им е потребна стручна помош и поддршка во справувањето со секојдневните предизвици.
Советувалиштето нуди индивидуални разговори со стручно лице, психолошко советување и помош при справување со стрес, анксиозност, емоционални тешкотии, како и лични, семејни и професионални проблеми. Од организацијата посочуваат дека на корисниците им е обезбеден доверлив и безбеден простор, со пристап приспособен на нивните потреби.
Советувалиштето ќе работи секој работен ден од 8 до 20 часот, а сесиите ќе траат од 45 до 60 минути. Граѓаните можат да закажат термин на телефонскиот број 072 271 048, секој работен ден од 8 до 16 часот.
Од Црвениот крст порачуваат дека грижата за менталното здравје е неопходна и дека барањето стручна помош не треба да се доживува како слабост, туку како важен чекор кон подобар квалитет на живот.
„Не мора да поминувате низ тешките моменти сами. Имате право да побарате поддршка“, порачуваат од организацијата.