Случајот со претепаната 26-годишна девојка од Охрид повторно го отвори прашањето за насилството врз жените и одговорноста на институциите. Во знак на револт и барање за поголема заштита на жртвите, во сабота во Охрид ќе се одржи мирен граѓански протест против фемицидот, родово базираното и семејното насилство.
Протестот е најавен за периодот од 12 до 14 часот на плоштадот „Св. Климент Охридски“, а организаторите велат дека повод за неговото одржување се загриженоста поради зачестеното насилство врз жените и последниот случај што ја вознемири јавноста во Охрид.
„Овој случај не потсети дека насилството не се случува само некаде таму, туку блиску до нас, можеби и меѓу луѓето што ги познаваме“, порачуваат организаторите во објавата на социјалните мрежи.
Од плоштадот, учесниците ќе се движат низ охридската чаршија, по што ќе продолжат кон СВР Охрид, булеварот „Македонски просветители“, а протестот ќе заврши пред зградата на Основниот суд во Охрид.
Организаторите упатуваат критики за институционалното постапување и бараат крај на молкот и оправдувањата кога станува збор за насилството врз жените.
„Преку глава ни е од молк, оправдувања и институции што не реагираат навреме. Доста е! Охрид нема да молчи!“, се наведува во повикот за протестот.
Повод за новите реакции е нападот врз 26-годишната Сара од Охрид, која, според досегашните информации, била претепана од својот партнер. Од ударите таа изгубила свест и паднала, по што била хоспитализирана со тешки телесни повреди.
По случајот, во вторникот се одржа и протест пред Полициската станица во Охрид, организиран од Форумот на жени на СДСМ, и покрај барањата на семејството на девојката случајот да не се политизира.
Од Форумот тогаш порачаа дека мора да престанат насилството, прикривањето и заштитата на насилниците, повикувајќи на одговорност и соодветна реакција од надлежните институции.
Во меѓувреме, на барање на Обвинителството, Основниот суд во Охрид му одреди 30-дневен притвор на 31-годишниот К.К., против кого е поднесено обвинение за нападот врз неговата 26-годишна партнерка.