Во живо Ноќно студио во живо Дали системот реагира навреме при насилство? Гледај
Македонија

Андонова: Секоја минута е важна кога жртва пријавува насилство – полицијата мора веднаш да реагира!

Андонова: Секоја минута е важна кога жртва пријавува насилство – полицијата мора веднаш да реагира!

Навремената реакција на полицијата во случаи на семејно и родово базирано насилство може да биде пресудна за заштита на животот и безбедноста на жртвата. Особено ризични се ситуациите кога насилството се пријавува директно од домот, каде што жртвата може да биде изложена на непосредна опасност.

Ова го истакна јавната обвинителка Спасенка Андонова во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, објаснувајќи ги обврските на институциите при постапување по пријави за насилство.

Според Андонова, законските измени и меѓународните обврски што ги презела државата налагаат институциите да постапуваат итно, со должно внимание и со приоритетна заштита на жртвата.

Таа нагласи дека од моментот кога жртвата ќе се осмели да пријави насилство, започнува целокупниот механизам на институционално постапување.

„Времето на пристигнување и интервенирање на полициските службеници во многу случаи може да биде круцијално“, предупреди Андонова.

Обвинителката објасни дека еден од најважните чекори при полициската интервенција е изготвувањето проценка на ризик, со која се утврдува дали постои сериозна опасност по животот, физичкиот или психичкиот интегритет на жртвата.

При проценката се разгледуваат околностите под кои се случило насилството, претходните пријави, можните закани, контролирачкото однесување, употребата на алкохол или наркотични средства, како и присуството на деца и други сведоци.

Особено внимание се посветува на информациите дали пријавениот сторител поседува оружје.

„Тоа е индикатор кој го зголемува ризикот оружјето дополнително да биде употребено“, посочи Андонова.

Таа објасни дека кога ќе се утврди дека сторителот има пристап до оружје, се преземаат активности за да му се оневозможи неговата употреба и да се спречат потешки последици.

Според обвинителката, правилната и навремена проценка на опасноста е од суштинско значење за понатамошното постапување на институциите и за безбедноста на жртвата.

Ноќно студио

Најнова епизода

Дали системот реагира навреме? Ноќно студио со обвинителката Спасенка Андонова

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни