Во живо Ноќно студио во живо Дали системот реагира навреме при насилство? Гледај
Македонија

Факултети на УКИМ останаа без струја поради неплатени сметки – Јаневска најави подмирување на долговите од буџетот

Факултети на УКИМ останаа без струја поради неплатени сметки – Јаневска најави подмирување на долговите од буџетот

Дел од факултетите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје вчера останаа без електрична енергија поради неплатени сметки. Иако снабдувањето со струја набрзо било повторно воспоставено, финансиските обврски на најголемиот државен универзитет сè уште не се подмирени.

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, најави дека долговите за електрична енергија ќе бидат покриени со средства обезбедени преку ребалансот на државниот буџет, кој веќе е објавен во „Службен весник“.

Јаневска потврди дека УКИМ има неплатени обврски, но изрази уверување дека со новите буџетски средства ќе се надмине проблемот и ќе се спречат нови прекини во снабдувањето со електрична енергија.

„Електрична енергија УКИМ има. Точно е дека има долгови за електрична енергија, меѓутоа вчера излезе во Службен весник ребалансот на буџетот. Ние ги сервисираме редовно тие долгови и длабоко сум убедена дека нема да имаме ваков проблем“, изјави министерката Јаневска.

Според информациите, за подмирување на заостанатите сметки бил поставен рок до петок, што дополнително ја наметнува потребата од брзо решавање на финансиските обврски.

Од Електродистрибуција не откриваат колку изнесува вкупниот долг на УКИМ. Оттаму објаснуваат дека финансиските обврски на поединечни корисници се дел од деловниот однос со компанијата и дека таквите податоци не можат јавно да се споделуваат, вклучително и кога станува збор за институции од јавниот сектор.

Засега не е познато колку средства од државниот буџет ќе бидат потребни за целосно подмирување на долговите, ниту колкав е вкупниот износ на неплатените сметки.

Прекинот на електричната енергија повторно го отвора прашањето за финансиската стабилност и редовното сервисирање на основните трошоци на јавните високообразовни установи, особено кога станува збор за непречено одвивање на наставата и функционирање на факултетите.

Ноќно студио

Најнова епизода

Дали системот реагира навреме? Ноќно студио со обвинителката Спасенка Андонова

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни