Родово базираното насилство и сексуалната злоупотреба на децата претставуваат сериозно кршење на човековите права, а институциите мора да бидат многу поактивни во нивното спречување. Ова го истакна јавната обвинителка Спасенка Андонова во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, предупредувајќи дека особено загрижувачки се случаите на насилство врз деца во дигиталниот простор.
Андонова нагласи дека периодот посветен на кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство“ е исклучително важен за подигнување на јавната свест, но дека активностите не смеат да останат само на декларативни заложби.
„Кога зборуваме за родово базирано насилство, треба да зборуваме за сериозно и флагрантно прекршување на човековите права. Оваа тема треба да се отвора, треба да се потенцира“, истакна Андонова.
Според неа, надлежните институции мора да покажат поголема посветеност и видливост во превенцијата, препознавањето и спречувањето на различните облици на насилство.
Обвинителката посебно внимание посвети на сексуалното насилство и експлоатацијата на децата, потсетувајќи дека 18 ноември е ден посветен на заштитата на децата од сексуална експлоатација и сексуална злоупотреба.
Таа предупреди дека ваквите случаи, особено оние поврзани со дигиталното насилство, стануваат сè позагрижувачки, а пријавите за различни облици на злоупотреба се сè почести.
„Тоа се веќе секојдневни пријави кои се исто така застрашувачки. Бројките се фрапантни“, нагласи Андонова.
Повикувајќи се на податоци од УНИЦЕФ, таа посочи дека проблемот со насилството врз децата добива сериозни размери, споменувајќи податок дека секое четврто дете е изложено на некаков облик на насилство, со посебен акцент на ризиците во дигиталната средина.
Според обвинителката, современите технологии отвораат дополнителни предизвици во заштитата на најмладите, поради што е неопходна поголема институционална ангажираност и навремено препознавање на опасностите.
Андонова оцени дека проблемот со насилството е одамна препознаен, но дека сега клучното прашање е колку конкретни резултати се постигнуваат во неговото намалување.
„Освен зборување, треба и дејствување. Проблемот е лоциран, проблемот е препознаен, но треба да се размислува што и како да се направи за овој проблем да се намали“, порача обвинителката.
Таа изрази надеж дека со посилна превенција, поголема јавна свест и конкретни активности на институциите, во наредните години ќе може да се зборува за значително намалување на насилството.
Според Андонова, суштината на кампањите за подигнување на јавната свест не е само да се укажува на проблемот, туку да се поттикнат вистински промени и поефикасна заштита на жртвите, особено на децата како една од најранливите категории.