Пријавувањето семејно или родово базирано насилство активира низа законски обврски за полициските службеници, меѓу кои изготвување службен извештај и известување на надлежниот јавен обвинител во предвидените рокови.
Ова го објасни јавната обвинителка Спасенка Андонова во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, говорејќи за институционалните механизми за заштита на жртвите.
Според Андонова, полицијата има обврска сериозно да ја прими и евидентира секоја пријава, да ги утврди околностите на настанот и да ги преземе неопходните активности за заштита на загрозените лица.
Таа посочи дека полицискиот службеник треба да изготви извештај за преземените дејствија во рок од 12 часа по пријавувањето на настанот.
„Во рок од 12 часа треба да се изготви полициски извештај за сите дејствија и активности што се преземаат по повод пријавата од жртвата“, истакна Андонова.
Во истиот рок, како што објасни, треба да биде известен и надлежниот јавен обвинител, кој дава понатамошни насоки и наредби за постапувањето.
Меѓутоа, обвинителката нагласи дека работата на полицијата не завршува само со документирањето на случајот.
Неопходно е да биде известен и Центарот за социјални работи, особено во случаи кога во домот се присутни деца или кога жртвата има потреба од дополнителна заштита.
Според Андонова, пријавувањето насилство не мора секогаш да се врши директно во полициска станица. Таа посочи дека жртвите можат да се обратат и во Центарот за социјални работи, Јавното обвинителство, преку невладини организации или СОС-линии.
„Пријавата е иницијалниот момент. Оттука почнува постапувањето на институциите“, нагласи обвинителката.
Таа порача дека сите надлежни институции мора да бидат меѓусебно координирани, бидејќи само навремената размена на информации и заедничкото постапување можат да обезбедат соодветна заштита за жртвите.