Децата кои секојдневно се сведоци на семејно насилство во одредени случаи самите се охрабруваат да го пријават насилникот, особено кога нивните мајки, поради страв, економска зависност или долготрајна изложеност на насилство, не успеваат да го направат тоа.
На ваквата појава укажа јавната обвинителка Спасенка Андонова во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, говорејќи за психолошките последици од семејното насилство.
Андонова објасни дека постојат случаи во кои децата се јавуваат како пријавители на насилство што се случува во нивниот дом.
„Има такви случаи. Децата кои биле постојано изложени на насилство ја гледаат немоќта на нивната мајка, нејзината преголема економска и материјална зависност“, истакна обвинителката.
Според неа, долготрајното насилство може да предизвика сериозни психолошки последици кај жртвата, која со текот на времето може да развие чувство дека нема излез од ситуацијата.
Таа посочи дека во такви околности жртвата понекогаш го прифаќа насилното однесување како дел од секојдневието, убедена дека не постои можност за промена.
„Децата се можеби малку похрабри во одредени такви ситуации и можат да се јават како пријавители на настанот“, објасни Андонова.
Обвинителката нагласи дека децата кои живеат во средина исполнета со насилство не се само сведоци на случувањата, туку и лица кои можат да претрпат сериозни последици од таквото искуство.
Според неа, институциите мора да го имаат предвид и нивниот интерес при секоја интервенција во случаи на семејно насилство.
Андонова порача дека препознавањето на ризиците и навременото постапување се особено важни за заштита и на жените и на децата кои живеат во насилна семејна средина.