Со барање за итна институционална одговорност и конкретни мерки за заштита на жените, неформалната граѓанска иницијатива „Ниту една повеќе“ повика на блокада пред Владата денеска во 13 часот. Од иницијативата реагираат на, како што велат, континуираното непостапување на институциите во случаите на насилство врз жените и семејно насилство.
Во повикот за протест се наведува дека во текот на оваа година седум жени биле брутално убиени, додека бројот на евидентирани пријави за семејно насилство се зголемил за 70 проценти, достигнувајќи рекордни 1.897 пријави.
„Гневни и бесни сме на сите кои ја хранат културата на насилство во ова општество, на секое непостапување на полицијата, на секоја пријава која завршува во фиока, на секое релативизирање на насилството како мал престап“, наведуваат организаторите.
Тие посочуваат дека одговорност имаат полицијата, обвинителството, судовите и центрите за социјална работа, од кои бараат ефикасно постапување и заштита на жртвите.
Од иницијативата најавуваат дека протестите и блокадите ќе продолжат сè додека не бидат исполнети нивните барања. Нагласуваат дека не бараат само јавни изјави и ветувања, туку конкретни институционални чекори, транспарентни судски постапки и соодветни казни за сторителите на насилство.
Шест барања до институциите
Меѓу главните барања е итното усвојување на измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, кои биле поднесени во Собранието на 26 август, со рок најдоцна до 10 декември 2026 година.
Иницијативата бара и финализирање на пакетот измени на осум закони, меѓу кои Законот за полиција и Законот за семејство, со цел подобра координација и поефикасна институционална заштита.
Дополнително, се бара во Буџетот за 2027 година да се обезбедат конкретни средства, вклучително и најмалку 200 милиони денари за специјализирани услуги за заштита и поддршка на жртвите, како и превентивни програми за третман на сторителите.
Меѓу барањата се и усвојување и јавно објавување на заклучоците од собраниската надзорна расправа за родово базираното насилство, со конкретни задолженија и рокови за институциите.
Од иницијативата бараат и повлекување на измените во законите за основно образование и учебници, како и на упатството за заштита од насилство во основното образование и програмата за сексуално образование. Според нив, со овие промени е ослабена заштитата од дискриминација, родовата еднаквост и превенцијата од родово базирано насилство.
Шестото барање се однесува на итно утврдување индивидуална и институционална одговорност за сите случаи на фемицид, вклучително и последниот случај со 17-годишната девојка од Богданци. Се бараат независни проверки на постапувањето на надлежните институции и конкретни последици доколку се утврдат пропусти.
„Животите на жените не се за во ендек“, порачуваат од иницијативата, повикувајќи ги граѓаните да се приклучат на блокадата со слоганот „Ниту една повеќе“.