Трошоците за живот продолжуваат да растат, а семејните буџети се соочуваат со ново оптоварување. Во ноември, на едно четиричлено семејство му биле потребни дополнителни 469 денари за покривање на основните месечни потреби во споредба со претходниот месец, покажуваат податоците на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ).
Според пресметките на ССМ, вредноста на синдикалната минимална кошница за ноември изнесува 70.827 денари. Доколку семејството живее под кирија во стан од 60 квадратни метри, вкупните месечни трошоци достигнуваат 86.202 денари.
Од Синдикатот посочуваат дека речиси една минимална плата е потребна само за покривање на трошоците за храна, додека за режиските трошоци во текот на месецот се потребни околу 100 евра.
Податоците повторно го отвораат прашањето за куповната моќ на работниците и можноста со месечните примања да ги покријат основните животни потреби.
Од ССМ укажуваат на разликата меѓу економските пораки на властите, кои зборуваат за позицијата на Македонија како трета економија во Европа и отсуство на значителен раст на цените на храната, и секојдневните финансиски тешкотии со кои се соочуваат работниците.
Според синдикалните пресметки, за едно четиричлено семејство да ги покрие минималните месечни трошоци, потребни се средства во висина на три минимални плати.