Не секое насилство остава модринки и видливи повреди. Психичкото и економското насилство често започнуваат со навидум обични прашања, љубомора и контрола, кои жртвата на почетокот може да ги доживува како внимание и грижа.
За ова во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ говореше јавната обвинителка Спасенка Андонова, предупредувајќи дека токму овие форми на насилство најтешко се препознаваат.
„Каде си, со кого си, со кого се допишуваш, што имаш облечено?“ се дел од прашањата што, според Андонова, можат да укажуваат на контролирачко однесување кога се користат за ограничување на слободата на партнерката.
Таа посочи дека економското насилство може да започне и со навидум добронамерни реченици.
„Немаш потреба да работиш, јас сум тука, доволно заработувам за двајцата. Платата ти е добра, јас ќе одлучувам како ќе ја распределуваме, ти да не се мачиш“, ги наведе обвинителката типичните примери.
Според неа, ваквите реченици понекогаш претставуваат маска зад која се крие желбата за воспоставување контрола и моќ врз другата личност.
„Сите овие познати фрази се маска за љубов и грижа, но најмалку се љубов и грижа“, истакна Андонова.
Таа објасни дека насилното однесување често се развива постепено, преку наизменични периоди на внимание, нежност, закани и ограничувања.
Во ваквите односи жртвата може да започне да ги губи контактите со семејството и пријателите, а со тоа и можноста некој навреме да ѝ укаже дека е изложена на насилство.
Посебно ранливи, според обвинителката, се младите девојки кои контролирачкото однесување можат погрешно да го прифатат како доказ за љубов.
Андонова предупреди дека ваквите односи можат да ескалираат во физичко насилство, па дури и во случаи со фатални последици.
Таа смета дека навременото препознавање на психичкото и економското насилство е еден од најважните чекори за спречување на потешки форми на злоупотреба.
Пораката на обвинителката е дека вистинската љубов не подразбира одземање на слободата, контролирање на финансиите и изолација од блиските луѓе.