Заштитата на медицинскиот персонал и безбедноста при вршењето на здравствената дејност мора да бидат приоритет, порача Министерството за здравство по физичкиот напад врз лекар и медицинска сестра пред поликлиниката „Јане Сандански“ во Скопје.
Од Министерството најостро го осудија инцидентот, нагласувајќи дека каков било облик на насилство, закани или попречување на здравствените работници во извршувањето на нивните професионални обврски е недозволив.
Во реакцијата потсетуваат дека нападот врз здравствен работник или здравствен соработник претставува кривично дело. Согласно член 304-г од Законот за здравствената заштита, за напад или сериозна закана кон здравствен персонал при вршење на здравствена дејност е предвидена парична или затворска казна, а во зависност од околностите и последиците може да следуваат и построги санкции.
„Здравствените работници секојдневно се на првата линија во грижата за здравјето и животот на граѓаните. Насилството нема место во здравствените установи“, наведуваат од Министерството.
Оттаму додаваат дека почитувањето и заштитата на медицинскиот персонал треба да бидат заеднички приоритет и дека секој напад врз здравствените работници мора да биде соодветно санкциониран.