Граѓаните и понатаму се пријавуваат за заштита од сезонскиот грип, а вакциналните пунктови добиваат дополнителни количества вакцини. Заклучно со 23 ноември, во земјава се вакцинирани вкупно 28.035 лица, додека преку електронскиот систем „Мој термин“ се пријавиле 79.011 граѓани.
Според податоците на Министерството за здравство, досега се закажани 54.778 термини, од кои 23.225 се за претстојниот период. Реализацијата на термините што веќе поминале изнесува 88,9 проценти.
Во меѓувреме, пристигнати се и дополнителни над 26.000 дози вакцини, кои се дистрибуираат до вакциналните пунктови низ државата.
Вакцинацијата е бесплатна и се спроведува на 31 пункт. Приоритет при имунизацијата имаат лицата над 65 години, хронично болните, здравствените работници, бремените жени и децата на возраст од шест месеци до пет години.
Министерството за здравство ги повикува граѓаните кои припаѓаат на ризичните групи да ја искористат можноста за бесплатна вакцинација и навреме да се заштитат од сезонскиот грип.
Од Министерството апелираат и до лицата кои добиле СМС-порака со закажан термин, но не се во можност да присуствуваат, да го откажат навреме, за местото да може да го искористи друг пациент.