Еден од двајцата осомничени за нападот врз медицинскиот персонал пред здравствената установа „Јане Сандански“ во скопски Аеродром е приведен, информира Министерството за внатрешни работи.
Станува збор за Ј. К. (41) од Скопје, кој бил лишен од слобода на 21 ноември во 19:15 часот од полициски службеници на СВР Скопје.
Според информациите од МВР, неколку часа претходно, околу 17:30 часот, тој и неговиот 62-годишен татко, С. К., по претходно недоразбирање, физички нападнале лекар и медицинска сестра.
Според неофицијалните информации за случајот, таткото и синот дошле во здравствената установа со постар пациент кој боледувал од карцином и, наводно, испил антифриз со намера да си го одземе животот.
Тие инсистирале пациентот итно да биде префрлен во Клиниката „Мајка Тереза“, но по проценката на лекарот и медицинската сестра дека може да биде транспортиран со автомобил, настанала расправија. Потоа, според информациите за случајот, двајцата ги нападнале здравствените работници и им нанеле телесни повреди, поради што биле хоспитализирани.
Нападот предизвика осуда од Лекарската комора, од каде што порачаа дека насилството врз здравствените работници додека ги извршуваат своите професионални задачи е неприфатливо. Оттаму потсетија дека напад врз здравствен работник при вршење на професионалната дејност се третира како кривично дело за кое е предвидена затворска казна до пет години.
Од МВР најавуваат дека по целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок против сторителите.