Системот „Безбеден град“ регистрирал возач кој се движел речиси двојно побрзо од дозволеното на автопатот Демир Капија – Гевгелија. Станува збор за 59-годишен државјанин на Србија, кој бил лишен од слобода два дена подоцна, при обид да ја напушти државата преку Граничниот премин Табановце.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека на 22 ноември во 19:40 часот, на излез од државата, полициски службеници го привеле Ѓ.К. (59) од Србија, кој управувал патничко возило „ауди“ со српски регистарски ознаки.
При проверката било утврдено дека преку системот „Безбеден град“ бил евидентиран како сторител на кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“, предвидено во член 297-а од Кривичниот законик.
Според евиденцијата, на 19 ноември на автопатот Демир Капија – Гевгелија, тој возел со брзина од 158 километри на час, иако на тој дел од патот максимално дозволената брзина е 80 километри на час.
Лицето било спроведено во Полициската станица Неготино, а за случајот бил известен јавен обвинител. По целосното документирање, против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.