Балкан

Продолжи судењето за убиството на малата Данка Илиќ – 11 сведоци дадоа искази, одбраната бара ново вештачење

Продолжи судењето за убиството на малата Данка Илиќ – 11 сведоци дадоа искази, одбраната бара ново вештачење

Во Вишиот суд во Неготин, Србија, продолжи судењето на Срѓан Јанковиќ и Дејан Драгијевиќ, обвинети во случајот со исчезнувањето и убиството на двегодишната Данка Илиќ, кој повеќе од две години ја потресува српската јавност.

На денешното рочиште биле сослушани 11 сведоци, кои останале на исказите што претходно ги дале пред Вишото јавно обвинителство. Повеќето од нив потврдиле дека на денот на исчезнувањето забележале девојче кое одговарало на описот на Данка, во близина на дворот од семејната куќа каде што последен пат била видена.

Одбраната побарала ново невропсихијатриско вештачење за да се утврди во каква психичка состојба биле обвинетите во моментот кога ги давале првичните искази во полицијата во Бор.

Адвокатот на Јанковиќ, Живадин Богдановиќ, посочил дека постои можност исказите да биле дадени под притисок или закани, односно во состојба во која лицето изнесува информации што не произлегуваат од неговите лични сознанија, туку му биле сугерирани.

Адвокатот на Драгијевиќ, Вања Живковиќ, изјавил дека ниту еден од сослушаните сведоци не го променил претходниот исказ.

Данка Илиќ исчезна на 26 март 2024 година во Бањско Поле, во близина на Бор, додека била со мајка си и братот. По повеќедневна потрага, полицијата ги уапси Јанковиќ и Драгијевиќ, кои првично признале вмешаност во нејзината смрт, но подоцна ги повлекле признанијата, тврдејќи дека биле изложени на притисок и тортура.

Според обвинението, девојчето било удрено со службено возило, по што обвинетите наводно го сокриле нејзиното тело. Телото на Данка досега не е пронајдено.

Случајот дополнително го привлече вниманието на јавноста по смртта на Далибор Драгијевиќ, брат на еден од обвинетите, кој почина во полициска станица во април 2024 година. Судско-медицинските наоди укажале на бројни повреди на неговото тело, што отвори сериозни прашања за околностите во кои настапила смртта и постапувањето на полицијата.

Во меѓувреме, таткото на обвинетиот Дејан Драгијевиќ, Радослав, во август 2026 година бил ослободен од обвиненијата за наводно учество во прикривањето на телото на девојчето.

Судењето продолжува утре, 24 ноември, со нови сослушувања и разгледување на доказите.

Ноќно студио

Најнова епизода

Дали системот реагира навреме? Ноќно студио со обвинителката Спасенка Андонова

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни