Македонија

Сведок во „Пулс“: Таа вечер пиротехниката беше многу јака, такво нешто не сум видела претходно, ПП апарат имам видено само во билетарницата

Сведок во „Пулс“: Таа вечер пиротехниката беше многу јака, такво нешто не сум видела претходно, ПП апарат имам видено само во билетарницата
Задната врата на дискотеката „Пулс“ / Фото: Марио Андоновски / 4NEWS.MK

Анастасија Соколова, која хонорарно работела во дискотеката „Пулс“, на денешното судење во „Идризово“ сведочеше дека при пожарот не се упатила кон задната врата бидејќи оттаму доаѓал огнот. Кога со колешката се обиделе да излезат од шанкот и да се движат кон предниот излез, веќе имало стампедо во кое се заглавиле.

„Таму беше жариштето на пожарот и од таму доаѓаше огнот. Јас знаев дека постои таа врата, но никогаш таа не се користеше за влез-излез“, одговори Соколова на прашањето од одбраната на Дејан Јованов-Деко зошто не се упатиле кон задната врата.

Таа рече дека не видела некој да се движи кон тој излез. Претходно ја гледала задната врата отворена за проветрување, но не знае дали се користела вечерта на пожарот.

„Кога почнавме да излеземе од шанкот, имаше веќе настанато стампедо и сите се заглавивме во него“, сведочеше таа.

Соколова објасни дека по повикот на Панчо присутните да го напуштат објектот, таа и колешката Марија биле во паника и не знаеле што да направат. Според нејзината проценка, во големиот шанк се задржале уште неколку минути, но помалку од десет.

На прашањата за пиротехниката, сведокот рече дека не видела нејзино поставување и дека не знае како изгледале средствата. Потврди дека пиротехника се користела и претходно, но светлината вечерта на пожарот ѝ изгледала значително посилна.

„Додека работев ја забележав многу јаката светлина на пиротехниката и мислам дека претходно ниту една вечер не сум видела нешто такво“, рече Соколова.

За евентуално ангажирање пиротехничар од страна на Деко, таа наведе дека слушала разговори, но лично не видела такво лице.

Сведокот кажа дека вечерта пристигнала околу 22:30 часот, кога во објектот веќе биле нејзините колеги и членовите на ДНК, кои правеле проба и ги поставувале инструментите на бината. Деко тогаш не бил присутен, а таа претпоставува дека дошол околу 23 часот.

За организацијата на работата, Соколова посочи дека одговорен бил Деко и дека тој им давал инструкции. На прашањето дали имало друго одговорно лице, одговори дека немало.

Таа во „Пулс“ почнала да работи во 2022 година, прво како хостеса, а потоа како шанкерка. Работела за викенди како дополнителна работа и добивала дневница. Додека објаснуваше дека дневницата ѝ ја давала колешката Марија, сведокот се расплака и почна да се тресе.

Во однос на уредувањето, Соколова рече дека во 2024 година биле отстранети терасите од левата и десната страна над шанкот, по што биле поставени сепариња. Наведе и дека забележала еден или два противпожарни апарати во билетарницата, но не се сеќава дали видела апарати на други места во објектот.

Ноќно студио

Најнова епизода

Дали системот реагира навреме? Ноќно студио со обвинителката Спасенка Андонова

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни