Семејствата на загинатите во пожарот во „Пулс“ реагираат дека на денешното рочиште се појавиле само двајца од седум најавени сведоци на одбраната на првообвинетиот Дејан Јованов-Деко. Во реакцијата наведуваат дека двајца сведоци биле повлечени, а лицето предложено како пиротехничар не успеале да го пронајдат ниту судот ниту одбраната.
Родителите бараат објаснување врз основа на кои податоци ова лице било предложено за сведок, ако не може да се утврди неговата адреса.
„Се поставува сериозно прашањето – дали воопшто постои тој фамозен пиротехничар? Врз основа на кои податоци е предложен како сведок, ако не може да се утврди ниту неговата адреса?“, наведуваат семејствата.
Тие предупредуваат дека секое рочиште за нив значи повторно соочување со болката и траумата и порачуваат дека немаат разбирање за непотребно одолговлекување на постапката.
„Нашите деца не можат да дојдат во судницата и да сведочат за ужасот што го преживеале. Затоа ние сме тука – да бараме вистина, правда и одговорност“, порачуваат родителите.
На денешното рочиште во судницата во „Идризово“, судијката реагираше на повлекувањето на сведоците и посочи дека одбраната треба да го обезбедува нивното присуство, како што тоа го правело Обвинителството.
„Вие да не ги повлечевте, јас со полиција ќе ги донесев, имам право за тоа“, рече судијката.
Одбраната на Јованов објасни дека дел од сведоците не сакаат да се појавуваат и да сведочат во ваква постапка.
За ангажирањето пиротехничар беше прашана и сведокот Анастасија Соколова, која хонорарно работела во „Пулс“. Таа рече дека слушала разговори за такво лице, но лично не го видела.