Пушењето останува сериозен јавно-здравствен проблем во земјава, а загрижувачки е што не само што голем дел од возрасното население користи тутунски производи, туку се зголемува и бројот на цигари што ги консумираат пушачите. Според најновото национално истражување на Аналитика, распространетоста на употребата на тутун и никотински производи достигнува 54 проценти.
Истражувањето било спроведено годинава на примерок од 1.065 возрасни лица, а резултатите беа презентирани на националната конференција „Од податоци до политики: Како да ја намалиме цената на пушењето?“, организирана од Аналитика тинк-тенк во соработка со Светската здравствена организација.
Податоците покажуваат дека во споредба со 2020 година е зголемен интензитетот на пушење. Повеќе од една четвртина од пушачите консумираат над 20 цигари дневно, додека околу 40 проценти пушат од 10 до 20 цигари на ден.
Загрижува и малиот број обиди за откажување од пушењето. Истовремено, цигарите стануваат сè подостапни во однос на куповната моќ на населението, бидејќи нивните цени растат побавно од платите.
И покрај бројните кампањи и апели за откажување од оваа навика, пушачите во земјава месечно трошат околу 4.800 денари за цигари, покажуваат резултатите од истражувањето.