Скопската бискупија упати јавен повик до лицето или лицата кои ја извршиле кражбата во католичката црква „Свети Јосиф“ на Бит-пазар во Скопје, украдената Пресвета Причест да биде вратена што е можно поскоро и со должно почитување.
Од Бискупијата изразуваат длабока загриженост поради настанот, посочувајќи дека Пресветата Причест има особено духовно и верско значење за Католичката црква и нејзините верници.
„За Католичката црква Пресветата Причест е најсветиот дар доверен на Црквата и средиште на нејзиниот литургиски и духовен живот. Поради тоа, нашата најголема грижа во овој момент е осветените хостии да бидат пронајдени и достоинствено вратени“, велат од Скопската бискупија.
Наместо осуда, од Црквата испратија порака до оние кај кои се наоѓаат осветените хостии да ги вратат без страв и со доверба.
„Доколку некој ги поседува осветените хостии и сака да ги врати, го повикуваме тоа да го направи со доверба и без страв од осуда од страна на Црквата. Нашата желба е тие да бидат вратени со должна почит“, се наведува во соопштението.
Бискупијата упати апел и до граѓаните кои имаат какви било информации што би можеле да помогнат во пронаоѓањето на украдената дарохранителница и Пресветата Причест да ги споделат со надлежните институции.
Истовремено, католичките верници се повикани да се обединат во молитва за пронаоѓање и достоинствено враќање на украденото, но и за покајание и помирување.
„Нека овој немил настан биде и повик до сите нас за уште поголема почит кон она што е свето“, порачуваат од Скопската бискупија.