Промената на времето ќе донесе значително заладување, дожд и нови снежни врнежи во Македонија. Под влијание на циклонска активност, нестабилните временски услови ќе започнат од вечерва и ќе продолжат во текот на викендот, односно до недела, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Според најавите, земјава ќе биде под влијание на претежно облачно време, проследено со врнежи од дожд во пониските предели, дожд и снег на повисоките места, додека на планините ќе врне снег.
Дополнително заладување се очекува во текот на викендот, поради продор на студена воздушна маса од север. На одредени повисоки места дождот постепено ќе преминува во снег, а на планините се очекува формирање нова снежна покривка.
Од УХМР предупредуваат дека локално врнежите ќе бидат пообилни и во период од 24 часа може да наврнат над 30 литри дожд на квадратен метар. За време на целиот период, на одредени места се очекува вкупната количина на врнежи да надмине и 80 литри на квадратен метар.
И во Скопје од вечерва до недела ќе преовладува облачно време со дожд. За време на викендот, во повисоките делови на Скопската Котлина, дождот ќе преминува во снег.
Стабилизирање на временските услови се очекува од почетокот на следната работна седмица. Ќе има променлива облачност и сончеви периоди, но утрата ќе останат студени, а температурите на одредени места ќе се спуштаат и под нулата.