Македонија

Се зголемува набавната цена на струјата од 1 јануари

Се зголемува набавната цена на струјата од 1 јануари

Повисока набавна цена на електричната енергија за следната година најавуваат резултатите од тендерот на универзалниот снабдувач ЕВН Хоме. Според најповолните понуди, струјата што ќе се обезбедува за домаќинствата и малите потрошувачи во 2027 година ќе биде во просек за 4,15 проценти поскапа во споредба со годинава.

На тендерот, кој се одржа денеска, најповолни понуди за двата лота доставиле Државните електрани на Северна Македонија (ЕСМ). За 70 проценти од потребните количини на електрична енергија државната компанија понудила цена од 65 евра за мегават-час, додека за преостанатите 30 проценти цената изнесува 74 евра за мегават-час.

Просечната пондерирана цена од двете понуди достигнува 67,70 евра за мегават-час.

За споредба, на минатогодишниот тендер, одржан на 27 ноември 2025 година, ЕСМ понуди цена од 65 евра за мегават-час за обезбедување на целокупните потребни количини за 2026 година. Во втората половина од 2025 година, пак, цената изнесуваше 62 евра за мегават-час.

Оваа година набавката се спроведува според изменет модел, во согласност со обврските од европската реформска агенда. Според новиот пристап, ЕСМ треба да обезбеди 70 проценти од потребната електрична енергија по повластена цена, додека преостанатите 30 проценти се набавуваат преку слободниот пазар. И за овој дел државната компанија доставила најповолна понуда.

Од ЕВН Хоме информираат дека во наредниот период ќе ја утврдат цената на електричната енергија, под надзор на Регулаторната комисија за енергетика и согласно законските обврски и утврдената методологија.

„Под комплетен надзор на Регулаторната комисија за енергетика и согласно законските обврски и претходно утврдената методологија, во наредниот период ЕВН Хоме ќе ја пресмета цената на електричната енергија по однапред утврдени влезни параметри“, соопштија од компанијата.

Колку точно ќе плаќаат домаќинствата за електрична енергија од јануари 2027 година засега не е познато. Конечните сметки ќе зависат не само од набавната цена на струјата, туку и од трошоците за пренос, дистрибуција и другите параметри што се пресметуваат според регулаторната методологија.

Ноќно студио

Најнова епизода

Саша Богдановиќ за Српската демократска лига и изборите во Србија | Ноќно студио

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни