Македонија

Откупот на тутунот се одвива без проблеми, досега преземени околу 1.300 тони

Откупот на тутунот се одвива без проблеми, досега преземени околу 1.300 тони

Откупната кампања на тутунот годинава започна со позитивни оценки од производителите и откупувачите, а засега нема пријавени проблеми или забелешки во процесот. Од Сојузот на земјоделските здруженија на Македонија информираат дека осум од вкупно десет откупни компании веќе го преземаат тутунот, по цена од 435 денари за килограм за прва класа.

Од почетокот на откупот, на 17 ноември, досега се преземени околу 1.300 тони тутун. Според претседателот на Сојузот, Кире Ристески, високиот квалитет на годинашниот род овозможува поголемиот дел од тутунот да биде проценет во прва класа.

Тој посочува дека преостанатите две компании, „Сокотаб“ и „Пашоски“, треба да ги отворат своите откупни пунктови до крајот на месецов. Иако законскиот краен рок за почеток на откупот е 15 декември, речиси сите компании ги започнале активностите пред предвидениот рок.

Од вкупно 324 откупни пунктови во земјава, досега се отворени 120. Одбитоци од три проценти има само кај тутунот од долните берби, додека кај поверениците на вагите нема забелешки ниту оспорувања на проценката и откупените количества.

Ристески информира и дека на неодамнешната средба во Министерството за земјоделство било договорено субвенциите да се исплаќаат врз основа на предадените, а не на договорените количества тутун, што, според него, е поволно за производителите.

Прилепскиот тутунски комбинат ги отворил сите 34 свои откупни пункта уште од почетокот на кампањата. Оттаму нема пријавено проблеми, ниту застој во исплатата на откупениот тутун.

Годинашната реколта се проценува на околу 26.000 тони, иако десетте откупни компании договориле поголеми количества.

Во меѓувреме, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство најави можност субвенциите да се зголемат за 10 денари по килограм, од досегашните 80 на 90 денари, на сметка на укинувањето на мерката за зелена нафта. Засега не е познато дали оваа промена ќе важи уште за годинашниот тутунски род.

Ноќно студио

Најнова епизода

Саша Богдановиќ за Српската демократска лига и изборите во Србија | Ноќно студио

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни