Претседателот на СДСМ и поранешен министер за здравство, Венко Филипче, во „Ноќно студио“ на 4ТВ изјави дека е подготвен случајот со модуларната болница повторно да се истражи. Тој го поврза тоа со предлогот на партијата за антикорупциско законодавство и соработка со Европското обвинителство.
„Нека се истражи повторно, во соработка со Европското обвинителство, и модуларната болница“, рече Филипче, додавајќи дека знае како работел и како ги носел одлуките.
Изјавата следуваше по прашањето дали, од денешна перспектива, смета дека тогашниот премиер Зоран Заев требало да ја прифати неговата оставка по трагедијата.
Филипче не даде директен одговор дали оставката требало да биде прифатена. Наместо тоа, се осврна на причините за изградбата на модуларните болници и изрази жалење за трагедијата.
„Правевме модуларни болници за луѓето да не умираат по паркинзи. Страшно жалам за трагедијата“, изјави тој.
Повикувајќи се на одлука на Обвинителството, Филипче тврдеше дека во неговото постапување не биле утврдени прекршувања на должноста или коруптивни дејствија.
Сепак, рече дека предлогот на СДСМ за повторно испитување случаи треба да го опфати и овој предмет. Во разговорот не го прецизираше механизмот преку кој би се реализирало најавеното вклучување на Европското обвинителство.
Филипче порача дека е подготвен и понатаму да работи за државата, тврдејќи дека во текот на својата професионална кариера постапувал чесно и посветено.