Гоце Седлоски повеќе не е селектор на македонската фудбалска репрезентација, откако Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) соопшти дека е постигнат договор за спогодбен прекин на соработката.
Од федерацијата посочуваат дека разделбата во овој момент е во најдобар интерес и на националниот тим и на досегашниот селектор, нагласувајќи дека резултатите и околностите не се совпаднале со очекувањата.
„Понекогаш во фудбалот, без оглед на искуството, посветеноста и добрите намери, работите едноставно не се одвиваат онака како што сите посакуваат“, наведуваат од ФФМ.
Федерацијата ја истакна значајната улога на Седлоски во историјата на македонскиот фудбал, потсетувајќи дека станува збор за легендарен капитен и еден од најтрофејните македонски тренери.
Од ФФМ му се заблагодарија за досегашната работа, посветеноста и професионалниот однос, изразувајќи уверување дека неговото искуство и знаење и во иднина ќе бидат во служба на македонскиот фудбал.
„Резултатите се дел од фудбалот. Почитта кон луѓето кои го задолжиле треба да остане и по последниот натпревар“, порачаа од федерацијата.
Во соопштението не е наведено кој ќе го наследи Седлоски на селекторската позиција.