Обвинителството во Белград побара определување притвор за Драган Ј. Вучичевиќ, по неговото сослушување во Второто основно јавно обвинителство, каде што ја изнел својата одбрана пред јавниот обвинител.
Предлогот за притвор е доставен до Вториот основен суд во Белград, а како причина е наведена опасноста осомничениот да го повтори кривичното дело. Ова за српскиот весник „Данас“ го потврди портпаролката на обвинителството, Тијана Ле Ру.
Вучичевиќ беше уапсен вчера по налог на Второто основно јавно обвинителство, под сомнение дека сторил кривично дело предизвикување паника и неред, како и попречување на правдата.
По апсењето му беше одредено задржување до 48 часа, рок што истекува утре во 10 часот.