По сè погласните реакции на граѓанските организации за одолговлекувањето на законските измени за заштита од насилство врз жените и семејно насилство, претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска порача дека парламентот е подготвен веднаш да свика итна седница. Сепак, тој посочи дека досега до неговиот кабинет и до собраниските служби не пристигнало официјално барање за нејзино одржување.
„Сè уште немаме доставено такво барање до Кабинетот на претседателот или до службата на Собранието. Штом го добиеме тоа барање, веднаш ќе постапиме“, изјави Гаши на редовната средба со новинарите.
Во однос на измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, собранискиот спикер информираше дека тие се веќе во собраниска процедура, но се испратени до Владата за мислење. Според него, понатамошното постапување ќе продолжи откако ќе пристигне одговор од извршната власт.
На прашањето дали на седницата за пратенички прашања ќе го потсети премиерот Христијан Мицкоски дека Владата треба да достави мислење, Гаши рече дека станува збор за сериозно и чувствително прашање за кое е неопходно заедничко дејствување.
„Мислам дека сакаат тоа што побргу да се донесе и да се намали насилството врз жените и воопшто да го нема, ако може. Но тоа ќе биде борба која ќе треба сите да ја извојуваме заедно“, изјави Гаши.
Неговата изјава следува по јавната кампања „Ѕид на срамот“ што ја започна Мрежата за заштита од дискриминација, преку која се бара одговорност од функционерите за институционалното постапување во случаите на насилство врз жените. На листата прв се најде токму претседателот на Собранието, од кого организацијата бара објаснување зошто законските измени се одложуваат веќе три месеци.
Предложените измени биле поднесени во Собранието на 26 август годинава, по итна, односно скратена постапка, но и покрај тоа сè уште не се најдени на дневен ред на пленарна седница.
Од Мрежата за заштита од дискриминација прашуваат зошто нема иста итност кога станува збор за законски решенија чија цел е заштита на животите на жените. Организацијата бара и да се усвојат заклучоците од надзорната расправа за заштита од насилство, одржана во април годинава, по трагичниот случај со Ивана и Катја. Седум месеци по расправата, според нив, сè уште нема усвоени заклучоци со конкретни мерки, рокови и одговорности за институциите.
Од организацијата наведуваат дека во 2026 година во земјава се регистрирани седум фемициди, а според нивните податоци, Македонија е трета во Европа според стапката на фемициди.
Меѓу предложените законски решенија се и итно отстранување на насилникот од домот и проширување на полициските овластувања, со цел поефикасна заштита на жртвите.
За итно усвојување на измените се изјасни и претседателот на Левица и пратеник, Димитар Апасиев, кој понуди помош во активностите на граѓанското движење „Ниту една повеќе“, Мрежата за заштита од дискриминација и другите организации што се залагаат за спречување на насилството врз жените.
Во меѓувреме, останува отворено прашањето кога Владата ќе го достави мислењето за законските измени и кога опозицијата ќе поднесе официјално барање за свикување итна седница.