Македонија

Просечната потрошувачка кошничка надмина 59.000 денари, за еден месец трошоците пораснале за 942 денари

Просечната потрошувачка кошничка надмина 59.000 денари, за еден месец трошоците пораснале за 942 денари

На семејствата во земјава во октомври им биле потребни речиси 60.000 денари за покривање на просечните месечни трошоци. Просечната потрошувачка кошничка достигнала 59.149 денари, што е за 942 денари повеќе во споредба со септември, односно зголемување од 1,6 проценти, информираше министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши.

Според податоците што ги презентираше министерот на брифинг со новинарите, најголем дел од зголемувањето се должи на повисоките цени на храната и пијалаците, при што особено поскапеле овошјето и зеленчукот.

Пораст на трошоците е забележан и кај домувањето, облеката и обувките, рекреацијата и културата, како и кај електричната енергија, гасот и другите горива.

Дурмиши рече дека цените на производите и услугите континуирано се следат преку Државниот пазарен инспекторат, но засега Владата не гледа потреба од воведување нови мерки за ограничување на цените.

„Засега цените се во рамки на релативна пазарна стабилност. Нашата цел е да интервенираме само ако има потреба и економска оправданост. Кога ќе бидеме известени од ДПИ дека има девијантно однесување кај трговците, тогаш ќе постапиме“, изјави Дурмиши.

Осврнувајќи се на инфлацијата, тој информираше дека месечната стапка во октомври изнесувала 0,4 проценти, додека годишната инфлација достигнала 3,3 проценти.

Министерот посочи дека економските показатели внимателно се анализираат и оцени дека земјава има пониска инфлација во споредба со одредени држави од еврозоната. Според неговите очекувања, инфлацијата во Македонија треба да се спушти под три проценти до крајот на годината.

Дурмиши се осврна и на прашањето за минималната плата, при што посочи дека Владата работи на нејзино зголемување.

Ноќно студио

Најнова епизода

Што може да руча студент со 140 денари? | „Ноќно студио“ со Бленди Ходаи

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни